Во општина Ѓорче Петров се одржа трибина за превенирање на насилството меѓу младите

Во општина Ѓорче Петров се одржа трибина за превенирање на насилството меѓу младите.

- Продуктивна дискусија на денешната трибина во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров за превенирање на насилното однесување меѓу децата и учениците, којашто беше иницирана и реализирана од советниците од Советот на Општина Ѓорче Петров, кои се дел од Комисиите за спорт, култура и образование, порача градоначалникот на општината Александар Стојкоски. 

- Имајќи во предвид дека воспитанието и образованието се столбот на секое современо општество, ова беше одлична можност со стручнаци да се поразговара на оваа тема. За жал, сериозен проблем во последнава деценија со кој се соочува општеството, а посебно воспитанието и образованието како негов значаен сегмент е меѓуврсничкото насилство. Воспитно-образованите институции, но и пошироката заедница се исправени пред предизвикот да се соочат со барање соодветни стратегии и начини за намалување и превенирање од насилно однесување, додаде тој. 

На трибината беа опфатени неколку целни групи: директори, стручни служби, наставници (од одделенска и од предметна настава), професори, претставници од совети на родители од предучилишните, основните и средните училишта на територија на општина Ѓорче Петров, воспитувачи, негователи, претставници од спортските клубови, ученици и граѓани.

Стојкоски упати благодарност до реномираните универзитетски професори Ана Фрицханд (доктор по психолошки науки), Елизабета Томевска-Илиевска (доктор по педагошки науки) и Иван Анастасовски (доктор на науки од областите на кинезиологијата и социологија на спортот) за одличната интерактивна трибина со динамична комбинација на теоретски и практични сознанија со цел да им се помогне на учесниците.

- Како локална самоуправа ќе продолжиме со организација на вакви настани со цел превенција при евентуално врсничко насилство. Како општина веќе преземавме сериозни чекори во оваа насока и ги вклучивме сите засегнати страни во превенирањето, вети тој.