Влезот е слободен: Дојдете заедно да ги славиме титулите!

Вечерва во 21 часот во СЦ „Јане Сандански" ракометарите на Вардар ќе ги добијат медалите за освојувањето на првенството на Македонија, и ќе ги покажат сите досегашни трофеи. Влезот е слободен, а вратите на салата ќе се отворат во 20,15 часот.

Вардар испиша нова клупска историја, освојувајќи ги сите можни пехари сезонава, почнувајќи прво со регионалната СЕХА Гаспром лига, па домашниот Куп, првото место во лигата на шампионите и сега со домашното првенство. Ова ќе биде наша 11 титула во првенството, со што сме далеку најуспешна машка ракометна екипа во Македонија.

Во 17 часот ракометарите го играат последниот натпревар од плеј офот на Македонија и гостуваат во Велес. Веднаш потоа, се враќаат во Скопје и тука ќе ги добијат медалите од Ракометната федерација за освоеното прво место, и пехарот во трајна сопственост и оној преоден.

На оваа свеченост во СЦ „Јане Сандански" ќе им се заблагодариме и на неколкумина наши досегашни членови кои заминуваат: Алекс Душебаев, Александер Деревен, Петре Ангелов и Горан Симиќ. Секогаш ќе им бидеме благодарни што беа дел од шампионскиот тим на Вардар.