Управен суд одлучи: МВР да издаде нов матичен број поради промена на пол

Управата за водење матични книги треба да го поништи матичниот број, а МВР да издаде нов, на лице кое претходно го променило полот, вакво решение донело Управниот суд, информираат од Здружението на млади правници. Оттаму велат дека за прв пат е донесено вакво решение од страна на Управниот суд, со кое правно се утврдува промената на полот во матичната евиденција.

„По промената на податоци во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде со полна јурисдикција е одлучено за правото за промена на податоците во матичната евиденција според фактички извршената промена на пол кај трансродово лице“, се вели во соопштението од здружението.

Оттаму велат дека постапката за промена на полот во матичната евиденција на трансродово лице е подржана во рамки на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во РМ“ спроведуван од страна на Македонското здружение на млади правници. Постапката пред Управниот суд ја водел адвокат Жарко Хаџи Зафиров, како дел од тимот на адвокати на МЗМП.

Користејќи го стратешкото застапување пред надлежните судови и други државни органи МЗМП продолжува да се залага за ефективна заштита на човековите права преку создавање на позитивна пракса која води кон општествени промени, велат од здружението на млади правници.