УЕФА го прогласи натпреварот од висок ризик, требаше да се превземат мерки, вели новинарот Димовски

Спортскиот новинар Сашко Димовски со став по инцидентот меѓу навивачите на Шкупи и Левски од соседна Бугарија кој се случи завчера вечерта, а во кој тешко е повреден еден бугарски државјанин. 

- Навивач на Левски прободен во Скопје. И пак се провлекува истата глупост. Не можам да разберам како не се преземени мерки на безбедност, иако УЕФА го прогласи натпреварот од висок ризик пред неколку денови. Имајќи предвид дека доаѓаат гостински навивачи и имајќи ги предвид односите меѓу двете земји, ова беше совршена можност за инцидент. Се надевам и посакувам несреќното момче да се опорави и излезе од болница. Но, она што не можам да разберам е како не се преземени мерки... Едноставно е луѓе, вели тој во својата фејсбук објава. 

- Доаѓаат навивачи од Бугарија, преземање од граница, спроведување до Скопје со полиција, престојот во градот да биде под постојана полициска придружба, спроведување на стадион, обезбедување сендвичи, пиво, вода, чекање за празнење на трибини и спроведување на гостински навивачи до Паланка, Струмица или Делчево до влез во Бугарија. Вака се дава материјал и оди сега докажи им на Бугарите дека нема омраза. Ова не го велам дека се битни, напротив небитни се со нивните глупости, ама повторно имаа адут во рака да зборат за омраза... А бе ограничи им го движењето, па ако сакаат и во Стразбур нека се жалат... - вели Димовски.