Тргнаа на одмор, заминаа во смрт: Патот Удово-Демир Капија црна точка

Илјадници туристи летниот период го поминуваат патот Удово-Демир Капија за да стигнат до плажите на Грција, а како што пишуваТелеграф.мк, на оваа делница поради уморот и долгиот пат за жал постојано има сообраќајки и некој заминува во смрт.

Само оваа година се случија неколку несреќи на оваа делница кои завршија кобно. Завчера загина млад брачен пар на оваа делница и остави зад себе седумгодишно момченце. Нивниот одмор се оретвори во огромна трагедија. Причина за сообраќајката, според очевидци, е непрописното претекнување. Во несреќата учествуваа два автомобили, „ауди“ со германски ознаки управувано од српски државјанин и „фиат сејченто“ управуван од починатиот маж, и автобус на „Струмица експрес“. „Аудито“ го претекнувало „фиатот“ на полна линија. Возачот на автобусот, за да избегне судир со „аудито“, свртел во другата лента и удрил во „фиатот“. Против спрскиот државјанин Д.С. (46) гевгелиското обвинителство предложи притвор во траење од осум дена, а против возачот на автобусот Ѓ.В. (60) предложи мерки за претпазливост.

Исто така, на почетокот на месецов кај Неготино, загина и жител на Белград. Тој со својата сопруга и трите деца на возраст од 10,8 и една година патувале на одмор во Грција. Причината за несреќата бил уморот на сопругата која го управувала автомбилот и заспала на воланот.