ССМ не се откажува, поднесе барање за разрешување на судиите кои им ја одземаа зградата

Сојузот на сидикати на Македонија денес поднесе барање за разрешување на судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев и Исамедин Лимани поради тоа што гласале за одземање на нивната зграда. Претседателот на синдикатот Слободан Трендафилов рече дека од овие лица се бара одговорност поради што направиле крупна и непрофесионална грешка.

- “Денеска сме тука пред Судскиот совет да поднесеме барање за утврдување на одговорност на тројцата судии. Со носење на пресудата за одземање и конфискација на работничкиот дом, Наќе, Шпенд и Исамедин, кои не заслужуваат ниту да бидат нарекувани судии, намерно и неоправдано направиле крупна и непрофесионална грешка која има тешки последици, поради што истите не се достојни за натамошно вршење на функцијата судија“, рече Трендафилов.

Тој упати порака до државниот правобранител да се воздржи од преземање на било какви чекори против работниците и Сојузот на синдикати на Македонија, бидејќи како што рече, се уште постојат правни механизми во државата, како и пред меѓународните организации.

- “ Одговорност ќе бараме од сите. Имаме правни механизми и пред меѓународните организации кои ќе ги добиеме и штетата што ќе ја направат, доколку направат таков чекор да ја упишат сопственоста на зградата на име на Република Македонија, а на штета на работниците ќе ја платат скапо за неколку месеци поради изборите“, посочи Трендафилов.

Врховниот суд на 9.11.2023 година донесе пресуда за предметот РЕВ 1-77/22, во кој тужител е Република Македонија против тужениот Сојузот на синдикатите на Македонија Скопје, за утврдување право на сопственост на недвижен имот кој претставува административна зграда како објект од општ интерес за државата. Со одлуката се одзема работничкиот дом од ССМ и се доделува на државата.