„Според закон дрската госпоѓа може да добие до 3 години затвор“: Остра реакција на ССНМ

Во Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) се вознемирени и крајно разочарани од случувањата при снимање на прилог на „Алфа“ кога граѓани се дрзнаа да присвојат јавен простор и да ја избркаат телевизиската екипа.

- Дрскоста и елементарното отсуство на емпатија кон колегите и кон гостите во прилогот на Анастасија Богдановска од страна на „славениците“, кои и да се, не смее да остане незабележано, па и несанкционирано особено што станува збор за јавен простор кој никако не може да биде даден во владеење, па нека е и времено, на група граѓани, се вели во нивното соопштение.

ССНМ ја осудува постапката на граѓани кон новинарите затоа што освен попречувањето во работата, станува збор за загрозување на безбедноста на новинарите и медиумските работници.

- Само да потсетиме и да предупредиме, попречувањето на новинарите во вршење на нивната работа е казниво според член 139 од Кривичниот закон, кој таквото дело го препознава како попречување на службено лице во вршење на неговата работа за што е предвидена казна од шест месеци до три години, велат од ССНМ.