Според православниот календар денес е Св.пророк Малахија и Св. маченик Гордиј

Според православниот, односно јулијанскиот календар денеска е 3-ти јануари. На овој ден православните христијани го празнуваат Св. пророк Малахија и Св. маченик Гордиј.

Според редоследот на настаните Св. пророк Малахија се смета за последен помеѓу пророците. Тој бил роден по враќањето на Евреите од вавилонското ропство. Според преданијата за него се вели дека: народот го нарекувал ангел, можеби заради неговата надворешна убавина или заради чистотата на душата или пак затоа што се дружел со Божји ангел. Често говорел со ангелот лице в лице. Се случувало и другите да го чујат гласот на ангелот, но не биле достојни да му го видат лицето. Она што му го јавувал ангелот, младиот пророк го пророкувал. Викал кон неблагодарниот Израил и кон беззаконите свештеници. Петстотини години пред Христа јасно го прорекол јавувањето на Свети Јован Крстител. Но главно тој е пророк на Страшниот Суд. Како млад се престави кај Бога и после него немаше веќе пророк во Израилот до Јован Крстител.

Светиот маченик Гордиј пак, бил офицер во римската војска за времето на вледеењето на царот Ликиниј. Во негово време настанало големо гонење на христијаните, па тој за да не учествува во прогонот дезертирал од војската и побегнал во Синајската пустина. Времето го поминувал во молитви и размислување. Размислувал за ништожноста на земниот живот и за тоа како луѓето меѓусебе се борат и убиваат поради погрешни и непотребни работи. На крајот решил да се врати во градот и да се пријави себеси како Христијанин. За истата цел бил осуден на смрт, каде со задоволство заминал на губилиштето.