Со средства за чистење, група жени повторно се собраа пред спомен обележјето на АСНОМ (видео)

Со средства за чистење, група жени денеска повторно се собраа да го исчистат она што го направија демонстрантите, кои вршат брутален атак врз спомен обележјата на Македонија.

Жените го чистеа спомен обележјето на АСНОМ, кое е изградено за истакнување на силна почит кон Кирил Петрушев и Емануел Чучков, Панко Брашнаров, офицерите Тихомир Милошевски и Тодор Стојанов – Ѕвездин, Киро Глигоров и Веселинка Малинска, како секретари, Бане Андреев, Методија Андонов – Ченто и Махајло Апостолски.

-Јас ќе ставам едно цвеќе на овој споменик, кој што е на сите нас, заеднички. Темелите на нашата македонска држава се овде во АСНОМ и душата ми плаче кога гледам што се прави. Јас сум мајка, баба, имам внуци ги растам и ги шетам тука во паркот и сега кога ме прашуваат- бабо зошто е ова вака, ќе ми каже некој што да им одговорам и зошто е оваа вака. Жално е, страшно е. Сите треба да бидеме заедно, Македонци и од корените наши утре да не се срамиме и од тоа што сме го правеле.

-Наместо да гледаме убавини во градов, ние што гледаме?

-Ја рушат историјата наша, на нашата татковина, на нашата Македонија. Како може да има вакви шарања, ваков вандализам? Никој не им забранува да си протестираат, но ова е сквернавење на нашата историја, на нашите дедовци, на нашиот народ. Треба да се засрамат.

-Они си гледаат само лични интереси, ама кратко ќе им биде ова. Уништуваат за децата нивни да не знаат што била Македонија. Тие треба да се срамат од нивните деца и од македонскиот народ, велат жените кои самостојно и доброволно се организирале за ваква акција.

Вандализмот врз споменици на македонската историја наидува на се поголема осуда од граѓаните. Вчера група на жени ја чистеа и Порта Македонија.