Скопските општини во новогодишен амбиент - еве како се украсени

Повеќето скопски општини блеснаа во новогодишен сјај! 

Општина Центар го заврши новогодишното украсување пред околу една недела. На неколку локации се поставени новогодишни елки, мрежи со сијалички, светлосни фигури, украсни лед сијалици, ѕвездени неба, забавен парк и дрвени куќички. 

Новогодишната магија дојде и во Ѓорче Петров

„Илјадници сијалички блеснаа во реонскиот парк во нашата општина, ја имаме најубавата новогодишна куќичка, а дечињата можат одблиску да го видат и Снешко“, напиша градоначалникот на Ѓорче Александар Стојкоски на Фејсбук и најави културни манифестации  кои ќе ги разубават празничните денови.

Новогодишната бајка пристигна и во Гази Баба, соопшти првиот човек на општината Бобан Стефковски кој на фејсбук објави фотографии од празничното украсување на оваа скопска општина.  

- Плоштадот во Автокоманда  е облечен во своето празнично руво. Голем број на светилки и новогодишна елка го красат нашиот плоштад! Украсувањето го извршивме со поддршка на една општествено одговорна компанија од нашата територија, порача Стефковски.  

Она што е заедничко за повеќето општини е што најавија интересна програма за деца, во пресрет на новогодишните празници.