Скопје го треселе уште два помали земјотреса, граѓаните не ги почувствувале

Во сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет се измерени два помали земјотреса со јачина од само еден степен според Рихетровата скала.

Сеизмолозите велат дека тоа се многу мали сеизмички движења кои луѓето не ги чувствуваат, туку само инструментите во опсерваторијата.

Од таму велат дека станува збор за мали последователни потреси од земјотресот од 4,2 степени, кој утрината во саботата околу 4.10 ги разбуди скопјани.

- На јавноста, која од лани е уплашена од земјотресите кои се случија во низа, сега се познати многу информации за оваа природна појава. Еве уште еднаш ќе повториме дека земјотресите не може да се предвидат, но може да се споредат со претходните сеизмички движења. По последниот посилен земјотрес од 4,2 степени според Рихтер, имаше два афтершока кои се со мала јачина, од 1 степен според Рихтер. Се надеваме тука и ќе застанат, оти не станува збор за затишје пред бура. Но, сепак, математиките на природата не се секојпат исти - велат сеизмолозите во земјата.

Тие апелираат до граѓаните да не креваат паника при земјотрес, да останат дома, да не трчаат по скали и да не влегуваат во лифт.

Градбите на становите и куќите по катастрофалниот земјотрес во 1963 година во Скопје се сеизмички градени.

- Ако завчерашниот земјотрес беше главен, и по него ќе следуваат помали афтершокови. Секако дека некои од тие земјотреси ќе ги почувствуваат луѓето, но со благ интензитет и без никакви материјални штети, но и можна е серија земјотреси што луѓето воопшто нема да ги сетат - велат сеизмолозите за „Дневник“.

Минатата година во август и септември во околината на Скопје се случија серија земјотреси, а најсилниот, кој предизвика и материјални штети, беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.

Сеизмолозите велат дека такви силни земјотреси се случуваат еднаш на 100 години. Во следниот период и покрај засилена сеизмичка активност, сепак, не се очекуваат силни земјотреси кои би предизвикале материјална штета.