Се зазеленуваат 80.000 квадратни метри во Илинден

Проектот “Со зеленило против загадувањето”, како дел од континуираните активности за заштита на животната средина на општина Илинден, интензивно се реализира на 25 локации со вкупна површина од 80.000 квадратни метри.

– Со активностите од овој еколошки проект што се реализира во месеците март и април на повеќе локации во општината беше опфатено и озеленување на дворот на Домот на култура “Илинден”, при што беа засадени повеќе садници – информираат од општина Илинден.

Целта на проектот е преку озеленување на јавните површини во урбаниот дел на општината, односно покрај пешачко-велосипедските патеки, површини покрај општински улици и патишта, просторот околу домовите на култура, училишните дворови, просторот околу детската градинка, површини околу спортските терени и останати јавни површини, да се придонесе за подобрувањето на квалитетот на воздухот и унапредувањето на животната средина.

Во реализацијата на овој проект се вклучија повеќе граѓани, ученици, младинци, пензионери, претставници на бизнис секторот, општинските комунални претпријатија и општинската администрација, давајќи свој придонес во подобрувањето на условите за живеење и квалитетот на живот во локалната заедница.

– Согласно планираните активности од проектот, озеленување, засадување на садници и уредување на јавните простори и површини ќе се врши во сите 12 населени места во општина Илинден – истакнуваат општинските власти.