Општина Илинден продолжи со реализација на проектот „Со зеленило против загадувањето“

Со засадување на повеќе садници и уредување на просторот кај Спортско образовниот центар и пешачко велосипедската патека Марино-Кадино, општина Илинден продолжи со реализација на проектот „Со зеленило против загадувањето“.

Во реализацијата на овој проект се вклучија повеќе граѓани, ученици, младинци, пензионери, претставници на бизнис секторот, општинските комунални претпријатија и општинската администрација, кои на овој начин, со засадување на повеќе садници го одбележаа и Денот на пролетта 21-ви Март.

Како дел од континуираните активности за заштита на животната средина на општина Илинден, со активностите од проектот за озеленување што се реализира во месеците март и април опфатени се 25 локации на површина од 80.000 квадратни метри.

Целта на овој еколошки проект е преку озеленување на јавните површини во урбаниот дел на Општината, односно покрај пешачко-велосипедските патеки, површини покрај општински улици и патишта, просторот околу домовите на култура, училишните дворови, просторот околу детската градинка, површини околу спортските терени и останати јавни површини, да се придонесе за подобрувањето на квалитетот на воздухот, унапредувањето на животната средина, како и подобрување на условите за живеење и квалитетот на живот во локалната заедница.

Сите заедно да се вклучиме во реализацијата на Проект „Со зеленило против загадувањето“ и да дадеме свој придонес за здрава животна средина.