Родителите револтирани: Тие што започнаа да полагаат на 17 години блокирани од новиот закон

На голем број млади на возраст од 17 години им е ускратено правото да го завршат отпочнатиот процес за стекнување со возачка дозвола поради измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кои стапија на сила во мај оваа година.

Со нив се укинува одредбата правото на возачка дозвола да може да се стекне со наполнети 17 години, а границата се поместува на 18 години.

Родителите се лути и револтирани затоа што, како што велат, никој не им предочил дека нивните деца ќе се соочат со проблем поради измените во законот, пренесува Телма.

Родителите бараат надлежните институции да ја преиспитаат одлуката, односно на кандидатите кои веќе отпочнале со обука со наполнети 17 години согасно стариот закон да им се овозможи да го завршат процесот.

Автошколите од регионот за проблемот писмено се обратиле до МВР, каде различно од нив ги толкуваат  измените на законот во кој стои дека: Кандидатите за возачи кои отпочнале со оспособување или со полагање на возачки испит, ќе ја завршат обуката согласно условите кои важеле пред донесувањето на новиот закон.

И авто школите и родителите се надеваат дека надлежните институции ќе изнајдат начин да им се излзе во пресрет на кандидатите за полагање возачки испит со навршени 17 години, за да не им пропадне трудот, но и вложените средства во обуката.