Регионален натпревар во пливање на спортиси со интелектуална попреченост во СЦ „Борис Трајковски“

Регионалниот натпревар во пливање, настан во рамките на проектот на Обединетите нации „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“, од страна на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Северна Македонија, во соработка со Специјалната Олимпијада, се организира од денес до 7 април во базенот на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Целта на настанот, на кој учество ќе земат спортисти со интелектуална попреченост од регионот, е промовирање свест за инклузија преку спортот и регионална соработка меѓу младите во регионот.

Настанот е поддржан од Делегацијата на Европска Унија. Во 11 часот во Europe House Скопје воведен говор ќе одржи евроамбасадорот Дејвид Гир.

Обединетите нации преку проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ ширум Западен Балкан, во период од две години (2022-2024), имаат за цел да ги поттикнат младите луѓе да создаваат конструктивни наративи, меѓукултурен дијалог и родова еднаквост, поттикнувајќи го меѓусебното разбирање и доверба во регионот.
Иницијативата „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ цели кон обединување на младите од различно потекло, охрабрувајќи ја комуникацијата и размената преку спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата, вклучително и климатски и еколошки акции. Од клучно значење за иницијативата е подобрувањето на медиумската писменост и вештините за критичко размислување, поддршката на младите во борбата против негативната пропаганда, говорот на омраза и дигиталното насилство, со фокус на родовите прашања.

Покрај тоа, иницијативата се стреми да го зголеми младинскиот ангажман во градењето социјална кохезија и застапувањето за ставање крај на онлајн и офлајн говорот на омраза. Ги охрабрува младите новинари и активисти да промовираат конструктивни, родово чувствителни наративи во медиумите и образованието. Дополнително, им дава овластување на младите да пријават говор на омраза на платформите на социјалните медиуми.