Работа има, но младите не сакаат да бидат келнери, продавачи и дистрибутери

Слободни работни места во земјава има, а сепак невработеноста е на високо ниво.

Официјалните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во четвртото тримесечје од 2021 година во земјава имало имало 7.979 слободни работни места.

Највисока стапка на слободни работни места има во Вардарскиот регион, каде се вбројува и Скопје. И во главнито град најмногу се бараат работници во услужни дејности и продажба.

Која е причина зошто и покрај отворени работни места, сепак има млади кои се невработени?

-Се бараат намногу келнери, шанкери, продавачи, дистрибутери што не е некоја престижна и платена работа, смета скопјанецот Дарко Р. 

Тој е невработен веќе неколку месеци, откако дипломирал на Економскиот факултет. Вели дека бара работа која и немора да биде по струка, но да е добро платена.

-Дипломирав пред неколку месеци, сега активно барам работа. Огласите за работа се полни со понуди за келнери, шанкери, продавачи и дистрибутери и некои сомнителни понуди за работа „од процент“ каде се нуди почетна минимална плата, раскажува тој.

Вели дека ќе се обиде да најде работа како економист, но сепак очекува достоинствена плата.

-Тешко е да се најде работа по струка, ако немаш луѓе кои ќе ти фатат врски. Спремен сум и на било каква работа, но овие понуди не ми одговараат и пред да ме осудите морам да кажам дека моето семејство вложи илјадници евра во моето високо образование, имам добар просек и сметам дека заслужувам работа во која ќе се вреднува мојот труд и моето знаење, појаснува тој.

И тој, како и многумина други млади луѓе во земјава вели дека токму во услужните дејности и продажбата, и воопшто во целиот приватен сектор, не се вреднува трудот на работникот.

Не еднаш потенцираат дека не е проблем да работат и за викенд и прекувремено, и во три смени, но кога тоа би било соодветно платено.

-Јас немам проблем да работам и сменски и во сабота и на празници, со оглед дека се уште немам оформено семејство, но сакам тој труд да ми биде вреднуван и иплатен. Инаку како би имал мотивација да го дадам најдоброто за фирмата во која работа. Жално е што има газди кои работниците ги третираат недостоинствено, додава тој кој потенцира дека третата смена треба да биде соодветно платена. 

Друг аспект на кој реагираат младите луѓе кои се во потрага на своето почетно работно искуство е што голем дел од работодаваците во огласите наведуваат критериум – работно искуство не помалку од години.

Велат дека треба да им се даде шанса и на тие без работно искуство, со оглед дека студирале и посетувале пракса.

-Од каде да го најдеме ние искуството кога сега сме дипломирале. Мора да ни се даде шанса за почеток да се покажеме и докажеме што знаеме, вели Дарко Р..