Поради антиваксерските движења и застарените сфаќања ни се заканува епидемија на морбили

Одлагањето на вакцините е единствената причина за појавата на сегашната епидемија на голема кашлица велат докторите. Тие посочуваат дека сега вакциналните пунктови се преполни зошто забраната на одење на децата во градинките а и самата епидемија ги исплаши родителите. Но сега над глава ни виси нова епидемија предупредуваат тие која станува се поизвесна а таа епидемија на морбили чиј опфат на вакцинацијата изнесува под 90 %

- “Редовната вакцинација за децата почнува од двомесечна возраст. Два, четири, шест, 18 месеци се токму овие поливалентни вакцини да се примат, каде што е содржана и оваа компонента на големата кашлица. На 13 месеци е МРП-вакцината, против мали сипаници, рубеола, како и заушки. Одложувајќи ја оваа вакцина со МРП, родителите ја подзаборавиле и ревакцината и поради таа заборавеност, еве ни се случува оваа епидемија на голема кашлица. Јас апелирам понатаму до родителите на овие дечиња да си ги носат редовно според календарот за вакцинација затоа што, одложувајќи ги вакцините, не само што ни се случува оваа епидемија на голема кашлица во моментот туку ќе ни се повтори епидемијата од 2018, односно 2019 година со мали сипаници. Ова се заразни заболувања, кои сами по себе се опасни за здравјето за малите дечиња и тие поминуваат со тешки компликации, кои бараат подолготрајно лекување“, вели Бети Гелејчевска-Илкоска, лекар во вакциналниот пункт на Поликлиниката „Букурешт“.

Вина за големиот број невакцинирани деца лекарите, од една страна, гледаат во антиваксерските движења, кои станаа мода последнава деценија, а од друга, во застарените сфаќања кај нас.

-“ Ние постојано апелираме како лекари, како медицински персонал, да не се одложуваат вакцините. Во однос на вакцината имаме некои застарени сфаќања од родителите – ‘да прооди, да прозборовува, па ќе му ја ставиме вакцината’. Вакцината нема врска со проодувањето и прозборувањето на детето, има врска со имунитетот, што е можно побргу треба да дојдат и да си ја стават вакцината, барем првата доза. Втората доза се прима во прво одделение, односно со шест години“, смета Даниела Марковска, специјалист по семејна медицина во вакциналниот пункт на Поликлиниката „Јане Сандански“.

На редовна вакцинација и надоместување на испуштените дози повика и Аленсандра Грозданова, национален координатор за имунизација и професорка на Фармацевтскиот факултет при УКИМ. И таа укажува дека по епидемијата на големата кашлица, сосотојбата со морбили би можела да стане загрижувачка, особено поради новопријавените случаи на мали сипаници во Албанија.

- “Засега кај нас нема парамери што би ни укажале на опасност, но имајќи ги предвид врските на нашето население со Албанија, каде што има зголемен број случаи, постои ризик. Ние ја следиме состојбата и затоа постојано аплеираме сите родители да ги донесат своите деца со цел навремено да бидат вакцинирани. И покрај поголемата посета на вакциналните пунктови, вакцинација со дитепер-вакцината и со другите вакцини непречено и во континуитет се одвива во сите градови и во сите вакцинални пунктови во кои има доволни количини од сите вакцини од редовниот календар за вакцинација“, вели проф. д-р Грозданова.

Епидемијата на големата кашлица ги наполни вакциналните пунктови како ниедна кампања за вакцинирање досега. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 18.1.2024 до 14.2.2024 година, дадени се вкупно 10.681 доза вакцини, кои содржи компонента против голема кашлица.