Поезија: Радован Павловски - И така ти малечок нė измами

Радован Павловски е роден во Ниш, 1937 година. Студирал право и литература во Скопје. Живеел и творел во Загреб, Хрватска.

Photo by Saqieb Satlitunov

Радован Павловски - И така ти малечок нė измами

Водата во која те искапија и крстија
Немаше плима
Водата имаше
Огледало на смртта и страв од љубовта

Светот го гледам низ прстен
Дали така ни е судено
Да немаме
Ни сон ни покрив над главата

Твојата лулка од мека маховина
Твоето бродче слично на пеперуга
Го изгоре ѕвезда неверна

Со картата на светот
И со парче леб во џебот
Ќе скитам по криви патишта
И ќе се крстам
Пред мртвиот пород на громовите
И моето срце не ќе го најдат дома

Топлината што ја имав
Пред да те сретнам
Го топи мразот на зимите
И ги воскреснува качунките
Оние што помислија да те родат
И што те родија
Сега стојат со пелени во рацете
И гледаат во оној празен дел на небото
Откаде падна твојата ѕвезда

Мислев да ти направам
Колиба од сонце и сенки
Но зајак полн со несреќа
Нè пресрете во прошетка
И ни го препречи патот

Мајко утробо
Топлината на раѓањето
Стана студен воздух
И дивите петли не пеат
Оти гласот им го потфати снег.