Почна симнувањето на таблите и патоказите на кои пишува аеродром “Александар Велики”

Почна симнувањето на таблите и патоказите на кои пишува аеродром “Александар Велики”. Објективот на фоторепортерот на весникот “Вечер” вчера го овековечи симнатиот патоказ пред Олимпискиот базен во центарот на Скопје на кој пишува аеродром “Александар Велики”.

Остана само железната рамка на која треба да се стави новиот патоказ за скопскиот аеродром, кој по преименувањето се вика Меѓународен аеродром “Скопје”.

Такви патокази што од денеска треба да се тргнат, а насочуваат кон скопското авиопристаниште има шест, како и 19 табли долж автопатот од граничните премини Табановце на север до Богородица на југ кој сега ќе се вика “Пријателство”.

– За да не правиме дополнителни трошоци ќе ја искористиме постојната конструкција на таблите кои ќе бидат извадени и на нив да се монтираат новите кои што ќе го означуваат автопатот “Пријателство” и аеродромот “Скопје” . Со монтирање на новите табли и патокази ќе почнеме за околу еден месец колку што ќе им биде потребно на “Македонија пат” да ги изработат во нивниот погон во Битола – вели раководителот на Секторот за одржување и заштита при ЈП Државни патишта, Благоја Тевдовски.

Ознаките на новите табли ќе бидат испишани на македонски и англиски јазик, освен таблите на граничните премини Табановце и Богородица кои ќе бидат тројазични, односно плус и на француски јазик.

На скопскиот аеродром и натаму стојат таблите над терминалната зграда на кои пишува “Александар Велики”. Не е сменет и официјалниот сајт на аеродромот. Секој кој сака да го види распоредот на полетувања и слетувања ќе добие информација за аеродром “Александар Велики” – Скопје. Нема промени и во бординг патничките билети и на нив натаму стои дека се издадени од шалтерите на “Александар Велики”.

Владата донесе одлука за пренамена на имињата на аеродромот и автопатот и истата стапи во сила пред една недела со нејзиното објавување во “Службен весник”. Од скопскиот аеродром велат дека го следат развојот на настаните.

– Кога ќе добиеме детални инструкции од Владата за извршување на одлуката, ќе постапиме согласно тие инструкции. Според инструкциите ќе тече и процедурата за промена на знакот со името на аеродромот, што е активност која ќе бара задоволување на соодветни технички процедури пред да се случи самиот чин на промена – истакнаа од скопскиот аеродром.

Автопатот кон Грција беше преименуван во “Александар Велики” во 2008 година. Една година претходно Владата на ВМРО-ДПМНЕ на 27 декември 2006 година го преимени аеродромот првично во “Александар Македонски”, а по две-три недели во “Александар Велики”, што ги влоши грчко-македонските односи, бидејќи двете држави го сметаат Александар Македонски како свој.