По деветти пат се одржаа “Вечери на женски права”

Со голем број проекции, изложби, музички настапи и дебати, вчера во Младинскиот културен центар се одржа деветтото издание на манифестацијата „Вечери на женски права” кои се културна алтернатива во одбележувањето на 8. Март, како еден од најсветлите датуми во историјата на правата за жените и родовата еднаквост.

Присутните ги поздрави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и воедно на сите жени им го честита 8. Март, Денот на борбата за женски права.

– Програмата на овогодинешното издание на “Вечерите на женски права” изобилува со прикажување на документарни филмови од светска продукција, разговори за феминизмот, еманципацијата, женскиот активизам, како и музичко дружење. За прв пат оваа година Градот Скопје поддржа продукција на документарен филм за подвизите на жените од нашите простори кој ќе биде прикажан на 29-ти март. Ова секако е настан кој ни нуди можност да го почувствуваме вистинското значење на овој празник, дава можност да размислуваме на еден покомплексен начин, различен од досегашниот. Културен настан кој вклучува уметност, поттикнува разни прашања и креативност и можност за размена на мислења. Одиме во правец на постојано отворање на простори во кои ќе се поттикнува, препознава, ќе се следи и секако ќе се вреднува активната женска улога и нејзиното учество во сите сфери, а особено во културата и уметноста – кажа градоначалникот Шилегов.

Тој се осврна и за плановите и развојот на Скопје како град на еднакви можности и рамноправност помеѓу сите.

– Нашата работа во иднина ќе биде насочена кон креирање на средина за живеење и работа, во кој и мажите и жените ќе имаат еднакви можности за остварување на својот личен, професионален, приватен, интимен, духовен и културен потенцијал.
Рамноправното учество на мажите и жените во семејството и во работниот живот заедно со рамноправното учество на мажите и жените во процесот на одлучување сметаме дека се предуслов и основа за развој на еден модерен град – потенцираше Шилегов.

Активностите од „Вечерите на женски права” ќе продолжат од 26 до 31 мај во Кинотека на Македонија, каде што ќе бидат прикажани проекции на повеќе документарни филмови.