Пет лица со знаци на акутно труење од храна побарале лекарска помош на Клиниката за инфективни болести откако консумирале храна од скопската „Гостилница ДМ“, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој бил известен од Центарот за јавно здравје – Скопје.
Инспекторатот денеска извршил вонреден инспекциски надзор во „Гостилница ДМ“, лоцирана на ул. „Орце Николов“, заедно со екипа на ЦЈЗ Скопје и со претставници од Агенција за храна и ветеринарство, при што било констатирано незадоволително ниво на хигиена во објектот, по што веднаш е извршена превентивна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектот од овластена установа. При надзорот се земени материјали за микробиолошко испитување, а објектот е времено забранет за употреба.