Пандев на маса има богата понуда од Катар

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев доби уште една богата понуда за да ја напушти Италија. Се работи за понуда од околу 4 милиони евра по сезона, која го става македонскиот ас на искушение дали да ја напушти Џенова и следните две сезони да ги мине во првенството на Катар.

Таму веќе е неговиот поранешен соиграч од Интер, Весли Снајдер, кој настапува за тимот на Ал Гарафа, а заинтересиран за Пандев е клубот Ал-Духаил кој деновиве го ангажираше Мехди Бенатиа од Јувентус.

Таму менаџер е Руи Фарија, кој долги години беше прв асистент на Жозе Мурињо и многу добро го познава Горан Пандев од периодот кога заедно освоија тројна круна со „нероаѕурите“.