Оваа скопска општина ќе го добие првиот и единствен мега шаховски парк во Македонија

Првиот човек на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денека најави дека на површина од 4000 метри квадратни во населбата „11 Октомври Бараки“, започнуваат со изградба на првиот и единствен парк на шахот во Македонија.

- Идејата за ова велелепно дело кое ќе биде изградено за краток период, произлезе од заедничкиот разговор со претседателот на шаховската федерација на Македонија Саша Богдановиќ, со кого ги прецизиравме деталите за тоа како сѐ ова да изгледа и на кого сакам искрено да му се заблагодарам. Имено, нешто слично на ова, постоело во Градскиот парк во Скопје за време на одржување на шаховската олимпијада во далечната 1972 година но не како шаховски парк, туку само импровизирани полиња кои служеле за потребите на натпреварите, појасни градоначалникот. 

Како што вели, паркот ќе понуди едно големо шаховско поле за одржување на натпревари и уште едно, за рекреативно дружење за сите жители од 7 до 77 години. Ќе биде опремен со клупи и други урбани содржини, со многу зеленило и ќе биде целосно осветлен.15-те професионални шаховски табли ќе бидат наменети за одржување на натпревари од локален, регионален и меѓународен карактер, со еден збор ова ќе биде центарот на шахистите во Македонија, а како круна на сето ова ќе стои споменик од кралот и кралицата.

- Од голема полза ќе биде и за учениците, бидејќи шахот веќе е изборен предмет во училиштата и тука ќе можат да се дружат и да играат.  Шахот е глобална игра која промовира правичност, инклузивност и меѓусебно почитување, придонесува за поголема толеранција и разбирање меѓу луѓето и токму затоа, ова ќе биде уште едно културно собиралиште на мојот народ во Кисела Вода, додава Ѓорѓиевски.