Одбележување на Меѓународниот ден на лица со попреченост

Денеска во земјава се одбележува Меѓународниот ден на лица со попреченост. Во Владата ќе се одржи настан на тема „ Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост“.

На настанот, обраќања ќе имаат претседателот на Владата Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски, шефот на делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар и претставник на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Чедомир Трајковски.

Ќе биде презентиран Извештајот од спроведеното истражување за вклученоста на децата со попреченост во предучилишното образование. Извештајот е изготвен врз база на податовите од анкетните прашалници доставени до сите предучилишни установи во Република Македонија, а подготвен од страна на канцеларијата на Народниот правобранител, и невладината организација „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка на Европската унија и канцеларијата на УНИЦЕФ.

Одбележување ќе се одржи и во организација на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје во аулата на факултетот каде е предвидена програма од редовните и посебните основни училишта и хуманитарна ликовна работилница со студентите од Факултетот за ликовни уметности.
Настани организираат и други институции и граѓански организации.