Јавните детски градинки во Драчево добија нов подобрен лик. Нема повеќе графити и шкртаници на нивната фасада кои не доликуваа на установа која згрижува дечиња од предшколска возраст.

Во изминатиот период во соработка со Општина Кисела Вода, активно се работеше на санација на оштетувањата на фасадата во градинката “8 Март”, објектите “Пеперутка” 1 и 2 во населбата Драчево и објектот “Ѕуница” во селото Драчево.

Паралелно, се работеше и на санација на кровната конструкција со олуци и во двата објекти, a во објектите во населбата Драчево и на бојадисување на оградите, поставување стакларници на влезовите на објектите, замена на дотраените и оштетени врати, искршените плочи од терасите со нови керамички плочки и повеќе други поправки.

Ова не се единствените инвестиции во овие детски градинки во кои денот го минуваат повеќе од 460 дечиња.

Општина Кисела Вода во изминатите неколку години имплементираше повеќе мерки за енергетска ефикасност. Имено, покрај замената на вратите и прозорците и замената на фасадата со енергетски ефикасна, беше извршена замена и на системот на греење.

Од минатата година, овие градинки се загреваат со помош на новоинсталирани котли кои се загреваат со помош на биомаса, што е целосно еколошки метод. Воедно, покрај неколкуте санации на кровот, беше реконструирана и електричната инсталација, а општината инвестираше и во изградба на пристапна патека од улицата “Бранко Заревски”, до самиот објект.