НОВ ГРАЃАНСKИ ЗАKОНИК: Прецизни камати на кредитите и на штедењето

Попрецизно одредување на каматните стапки на кредитите и на депозитите што банките им ги нудат на граѓаните и на фирмите ќе гарантира новиот Закон за облигациони односи чии измени веќе се подготвуваат.

Од Народната банка за „Дневник“ потврдуваат дека во тек е јавна расправа за измените на овој закон, но не се открива кога ќе биде изработен. Практично овој закон ќе биде дел од новиот граѓански законик, кој исто така веќе е во подготовка. НБМ веќе испрати предупредување до банките потранспарентно да ги одредуваат каматните стапки за граѓаните да не се доведуваат во заблуда за висината на каматите што ги плаќаат на кредитите или ги добиваат за депонираните депозити.

Од НБМ велат дека независно од препораката, во иднина законски ќе бидат утврдени начините на формирање на каматните стапки. Ги потврдуваат информациите на „Дневник“ дека има најави за измени што на граѓаните ќе им гарантираат точно определени услови во сите односи, па и во банкарските за кредити или за депозити. Практика на банките, според граѓаните, е во времето кога, на пример, почнува да се пресметува променлива камата тие сами врз основа на своја политика да ги менуваат стапките, па често клиентите се чувствуваат оштетени. Велат кога паѓаат каматите на новоодобрените кредити тоа побавно или многу ретко оди кај постојните или растот на каматите на депозитите е побавен за старите штедни влогови.

- Во тек е постапка за донесување Граѓански законик на Македонија за чија изработка е задолжена посебна комисија. Овој Законик, во еден свој сегмент предвидува ревидирање на одредбите на постојниот Закон за облигациони односи, кој помеѓу другото, се очекува да опфаќа и попрецизно регулирање на каматните стапки во договорните односи на учесниците во правниот промет. Поради обемноста на материјата што треба да биде кодифицирана, јавната расправа по граѓанскиот предлог-законик е с` уште отворена и притоа не може да се предвиди рокот до кога тој би бил донесен и би стапил во сила - велат од НБМ за „Дневник“.

Инаку измените на законот нема да се однесува само на банките, туку и на кој било договорен однос.

Од НБМ се надеваат на своевидна реакција на банките и по препораката што гувернерот им ја испрати пред десетина дена, да бидат потранспарентни кога ги формираат каматните стапки на кредитите и на депозитите. Велат дека очекуваат во иднина банките да не одобруваат нови кредити и депозити со таканаречени „приспособливи“ камати. Стапките, според нив, треба да бидат или фиксни или променливи стапки или во некоја комбинација од двете, а клиентите точно да знаат колкави камати ќе плаќаат или ќе добиваат на штедниот влог за целиот период во кој трае производот. Всушност, НБМ бара висината на каматата кога е променлива да се менува врз основа на параметри што се однапред јасно определени во договорите.

Првично на дописот од НБМ банкарите реагираа воздржано и се правдаа дека тие и досега работат транспарентно и законски. За најавите за законски измени со кои точно ќе се утврдува како може да се менува стапката, не сакаат да коментираат.