Нов дневен центар за стари лица на Црвен крст на Град Скопје денеска ќе биде отворен во основното училиште „Дитрија“ во Сарај.
Ова е трет дневен центар во рамки на активностите на социјалниот сервис „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“. Преку него 150 стари и изнемоштени лица се посетуваат во домашни услови од страна на 12 волонтери и пет медицински сестри на Црвен крст на Град Скопје.
На настанот, како што е најавено, ќе биде потпишан договор за соработка меѓу Црвениот крст на Град Скопје, Здружението на пензионери од Сарај и ОУ „Дитрија“, а обраќање ќе имаат генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити, директорот на компанијата „Даути“, градоначалникот на општина Сарај и претседателот на Здружението на пензионери од Сарај.
Целиот проект е поддржан од Град Скопје, Даути фондацијата, ЕВН Македонија и Австрискиот црвен крст.