Не наседнувајте: Преку лажни приказни на Македонци им нудат да станат милионери

На некои од глобалните интернет-страници, деновиве кога се отвораат од Македонија, се појавува текст кој не личи дека е спонзориран или дека е реклама, туку, напротив, дека е вест која се однесува на нашата држава, а во кој се алудира дека уште многу Македонци може да станат милионери, како што впрочем тоа му се случило на „наш“ државјанин.

Во текстот кој е објавен за наводната заработка на Македонци се споменува и името на Ричард Бренсон, светски познат бизнисмен и сопственик на компанијата „Вирџин“, за кој пишува дека првично вложил 20 милиони долари да ја креира платформата за таканаречени бинарни опции и да заработува од секое следно тргување. Иако подискутабилно во приказната е што се споменува Македонец кој заработил на ваков начин, сепак и информацијата за вклученоста на Бренсон ја разработуваа светските медиуми уште пред неколку месеци. Според некои пишувања, неговото име само се вклучува во приказната за да се даде значење, односно да се искористат неговиот кредибилитет и богатството за да се мамат потенцијалните нови инвеститори. Во текстот, пак, кој се прашува колку нови Македонци ќе станат милионери, е прикажана приказната на извесен Ендру Ли за кој се тврди дека е Македонец кој бил во депресија кога ги изгубил работата и сопругата, а можноста да тргува на платформа ја нашол пребарувајќи на интернет за работа од дома.

По една недела и вложените 14.396 денари, добил над 20.000 денари, па заработката одела само нагоре се до комплетна „промена на животот“.

Примерот се разбира не е точен, а Ендру Ли „станал“ Македонец само затоа што текстот е наменет за публика која ќе го отвора од Македонија. Не се реални ниту рекламите за брзата заработка затоа што тргувањето со бинарни опции е исклучително ризично и многу побрзо може да се изгуби отколку да се заработи.

Сепак, името на Македонецот кој е претставен во текстот воопшто не е македонско, а и целата содржина на текстот не упатува на тоа. Парите што треба да се уплатат за почеток на тргувањето од кое може да се „заработи“ се пресметани во денари. Од Народната банка предупредуваат граѓаните никако да не се впуштаат во вакви активности затоа што ризикот да изгубат се е многу голем.