Наместо донација за болно дете, измамник украл податоци и аплицирал за брз кредит

Уште еден случај со измама за брз кредит предизвика „бура“ на социјалните мрежи, откако профилот потпишан како Петровска Анета ветувал донација за болно дете, а всушност украл податоци и аплицирал за брз кредит.

Во разговор со родителите на малиот Тео кој боледува од церебрална парализа и епилепсија, лицето кое стои зад профилот Петровска Анета тврдел дека живее во Канада и барал лични податоци за да може да изврши донација.

По ветувањето дека ќе донира 200 евра, почнал да бара фотографии од пасош или лична карта, а потоа и слика од картичката за здравствено осигурување.

- Испратени се личната карта, матичниот број, трансакциската сметка, како и здравствениот број. Никој не веруваше дека ќе паднат толку ниско за да злоупотребат некои работи за деца кои се болни. На телефонот на сопругата стигна информација дека е одобрен брз кредит во висина од 72.000 денари за некој клима уред. Од полиција ни кажаа дека ќе биде почната постапка, кажа таткото Љупчо Максимовски во разговор со „Алфа“.

Сите хумани луѓе кои сакаат да донираат за лекувањето на Тео кој боледува од церебрална парализа и епилепсија, може да го направат тоа на бројот 143 122 од Телеком или со донација на жиро сметката 210700000677584 во НЛБ Банка со дознака за Тео Максимов.