Најголем трансфер во историјата на Брегалница, Манев потпиша за Адана

Македонскиот фудбалски прволигаш Брегалница од Штип соопшти денеска дека го реализирала најголемиот трансфер во клупската историја, откако македонскиот младински репрезентативец и еден од најдобрите играчи на штипскиот клуб Јован Манев кариерата ќе ја продолжи во турскиот прволигаш Адана.

„По неколкудневните интензивни преговори меѓу двата клуба и официјално договорена е преселбата на 21-годишниот Манев во Адана, трансфер на кој Брегалница е исклучително горда како начин и за промоција на сопствениот начин на работа со силна поддршка за младите и талентирани македонски фудбалери“, соопшти попладнево штипскиот прволигаш.

Новиот клуб на Манев е предводен од клупата од легендарниот поранешен италијански репрезентативец Винченцо Монтела, а редовите на Адана настапува поранешниот фудбалер на Интер, Милан, Манчестер сити и Ливерпул Марио Балотели.

„Овој трансфер е силна потврда на сите наши заложби за максимална поддршка на младите и талентирани фудбалери, кои, како што истакнавме и со преземањето на клубот, ќе бидат секогаш максимално промовирани во интерес и на нашите и на нивните кариери, на клубот и на македонскиот фудбал“, изјави Брегалница.