Најбогатите Македонци заработиле 7,2 пати повеќе од сиромашните

Во 2014 година, 20% од популацијата во Македонија со највисок приход заработила 7,2 пати повеќе од оние 20% со најнизок приход, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Според агрегатниот индикатор, во 2014 година, 43,2% од населението било подложно на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Стапката на сиромашни лица, пред исплата на социјалните трансфери, во 2014 година се зголемила за 0,7%.

Од друга страна, стапката на сиромашни лица, мерена по социјалните трансфери, како значаен показател за мерење на сиромаштијата, е намалена и изнесува 22,1%.

Анализирано според пол, стапката е поголема кај мажите, 22,3%. Младите лица до 18 години имаат поголем ризик од сиромаштија, 29%, додека најмалку се подложни лицата на возраст над 65 години, кои главно живеат од пензии и од социјални трансфери.

Во 2014 година, најранливи биле домаќинствата со три или повеќе издржувани деца, при што 51,1% од лицата што живеат во такви домаќинства се сиромашни. Најмалку подложни на сиромаштија биле лицата во домаќинства на самици 6,9%.

Според најчестиот статус на економска активност, стапката на сиромашни невработени лица е намалена и изнесува 40,4%, додека стапката на сиромашни вработени лица е намалена за 1,3%.

Во 2014 година, 35,7% од вкупната популација биле сериозно материјално обесправени.