На кафе со Емилија Спасовска Мојсовска, магистер по нутриционизам

Кои вештини сметате дека се неопходни за работа како нутриционист? Зошто се одлучивте за оваа професија?

Работата како нутриционист бара многу голема одговорност, посветеност, постојана комуникација со клиентите, исполнителност и точност, па оттаму произлегува и потребата Нутриционистот да ги поседува сите овие основни карактеристики.

Здравиот начин на живот, неисцрпната и секогаш интересна наука за исхраната и потрагата по  здрав и природен начин да бидеме поздрави ме доведе до  професијата Нутриционист која ја работам со задоволство.

Зошто скопјани посетуваат нутриционист? Со какви желби барања, доаѓаат кај вас?

Барањата и желбите се различи, во зависност од потребите и здравствената состојба.  Покрај  барањето за регулирање на телесна тежина се почести се барањата преку здрава исхрана до подобрување на одредени здравствени состојби како регулирање на хормони, проблеми со тироидна жлезда, неплодност, дијабет, зголемување на имунитетот, подобро здравје и здрави навики.

Според вашето искуство, дали скопјани имаат здрави навики кога станува збор за исхраната? Се храниме ли здраво?

Последните неколку години има многу голема промена во однос на навиките за здрав начин на живот и здрава исхрана. Како што спомнав погоре многу чести се барањата до мене  за применување на здрави навики со исхраната, според тоа можам слободно  да кажам дека свеста е многу голема и здравите навики кај многумина се на прво место и се поголем е бројот на оние на кои прв избор им е Здравaта храна.

Како до подобро здравје и зацврстување на имунитетот во зимскиот период, посебно сега кога се соочуваме со пандемија која зема голем број на човечки животи?

Најголем сојузник на човекот против вирусите, настинките и генерално болестите секогаш е силниот имунитет, така и во ова време на пандемија најважно е пред се да се работи постојано на имунитетот, со контролирано зголемување на  внесот на витамини и минерали преку  сезонското  овошје и зеленчук  но  доколку има потреба да се зголемува дозата со дополнителна суплементација (во претходна консултација со Доктор или Нутриционист)  од кои ги издвојувам цинк, селен, витамин Д, витамнин Ц,  да се конзумира храна која е што помалку процесирана, да не се користат рафинирани шеќери и транс масти кои сериозно  може да наштетат на здравствената состојба.

Сведоци сме и се погласно се зборува дека позитивните на Covid-19 примаат силни антибиотски терапии, се препишуваат големи количини на разни витамини. Кој е вашиот совет за луѓето кои се борат со Covid-19 или го прележале вирусот, како да се хранат, на што да посветат посебно внимание?

По прележување на вирусот и примање на антибиотска терапија  многу е важно  да се направи детоксикација на организмот, да се направи регенерација на ткивата и  органите, да се подобри работата на дигестивниот тракт и кардиоваскуларниот систем, а во исто време да се  работи на подигнување на имуниот ситем.  Поради тоа потребно е најмалку 3 месеци посебен режим на исхрана кој ќе вклучува храна бoгата со антиоксиданси, растителни влакна, пробиотици и пребиотици, поголем внес на витамини, минерали и  незаситени масни киселини секако и  доволен внес на вода и  течности.

Како функционирате вие во време на глобална пандемија? Дали направивте промени во работењето, се прилагодивте на новонастанатата ситуација?

Новото време го промени начинот на живеење и начинот на работа, според тоа со моите клиенти целосно се прилагодивме на онлајн работење и ги користиме можностите на различните  платформи за електронска комуникација  но доколку има потреба секако правам и средба со клиентите со почитување на сите здравствени протоколи.

За крај, како би го опишале Скопје во само три збора?

Урбано, посебно, романтично.