На 45 локации скопјани засадија над 1.300 садници

На 45 локации скопјани засадиле над 1.300 садници – бршлени за само два месеци, информираат од иницијативата „Дотерај го Скопје“.

На оваа иниијатива се приклучиле музичари, архитекти, дизајнери и сликари, помлади и постари граѓани, кои и покрај жешкото време излегоа на терен со екипата на „Дотерај го Скопје“ во желба да го разубават и раззеленат.

Паралелно со овие акции за разубавување на градот, екипата на „Дотерај го Скопје“ подготвува пет видео спотови за песни од домашни авторски бендови и музичари, кои со својата музика и различни активности ја подджруваат визијата за Скопје како позелена, урбана престолнина на Македонија.

Станува збор за Александар Пешевски, Fierce, Флека, Mammoth & Yashem и Minstrels’ Gallery, чии спотови ќе бидат издадени во текот на овој месец.

Сите урбани херои ќе бидат претставени на фестивалот „Дотерај го Скопје“, кој ќе се одржи од 1 до 4 септември во Јавна Соба, во Скопје.  Сите кои ќе присуствуваат на овој фестивал ќе имаат можност да научат нешто повеќе за активностите на „Дотерај го Скопје“, да посетуваат некоја од многуте работилници, предавања и дебати, или да ги слушнат музичарите во живо и да се дружат со нив.