„Дотерај го Скопје“: Урбани граѓански интервенции за разубавување на запуштените делови на градот

На Скопје од неодамна му се случува нова позитивна иницијатива- урбаните интервенции „Дотерај го Скопје“ за расчистување и разубавување на запуштените делови од градот.

Како што посочува и самото име на проектот, целта е да се лоцираат запуштени делови во Скопје кои создаваат грда и непријатна слика за урбаниот простор, а потоа со помош на граѓаните да се преземе акција просторот да се исчисти и уреди за да стане повторно пријатен за живеење, движење и дејствување во и околу него.

Едноставните граѓански акции за разубавување и расчистување на запуштените урбани простори се стандардна пракса. Запуштените простори прекриени со смет, западнати во мрак, честопати стануват небезбеден дел во градот кој може да доведе до различни проблеми во урбаното живеење во одреден кварт.

Иако граѓаните главно очекуваат дека локалните власти треба да се погрижат за секој простор, сепак во голем дел од светските метрополи помалите граѓански урбани заедници одлучуваат да ги преземат работите во свои раце и да се погрижат просторот во кој живеат да биде безбеден и функционален за живеење- дали преку креирање мали урбани градини, бојадисување на ѕидовите, цртање мурали, колективно собирање на отпадот и потоа нивно одржување преку различни мали граѓански настани.

Токму оваа идеја дека граѓаните може да ги преземат работите во свои раце и со мали интервенции да овозможат делот во кој живеат и работат да изгледа пријатно и безбедно е она кое „Дотерај го Скопје“ се обидува да го актуелизира. Како што вели Атанас Димитров, еден од основачите на проектот, во интервју за Design.mk,  „Дотерај го Скопје“ е проект за демократизација на процесот за уредување на заедничкиот простор.