МВР не знае колку малолетници се исчезнати во државата

282 лица во првите девет месеци од годинава биле пријавени за исчезнати, но МВР речиси да нема никакви податоци за нив. Полицијата не знае колкав е бројот на лицата кои се пронајдени, а биле пријавени за исчезнати. Алармантна е ситуацијата кога се работи за исчезнатите малолетници.

Каква статистика води МВР кога се работи за исчезнатите лица, особено малолетници во Македонија? Од добиените одговори се отвора сомнеж дека МВР или ги крие податоците од јавноста или воопшто не води евиденција за ова прашање.

Полициските билтени секојдневно се полни со информации за пријавени исчезнати лица од кои голем број се малолетни. Не помал е и бројот на пријавени исчезнати малолетни лица кои се штитеници на домовите за деца. Решавањето на овие случаи очигледно не спаѓа во приоритетите на МВР, па се останува само на „пријавен случај“. Реализација нема.

Курир се обрати до Министерството за внатрешни работи за да добие одговор на повеќе прашања поврзани со лицата кои се пријавени за исчезнати на територија на Република Македонија, но оттаму по два дена добивме куса статистика, која е далеку од одговор на бараните информации.

Она што МВР успеа да го најде како податок кој го има е само вкупниот број на пријавени исчезнати лица во првите девет месеци од годинава, и во 2017 година.

Според одговорот кој го добивме во период од јануари до септември годинава за исчезнати биле пријавени 282 лица, но МВР нема никаков податок што се случило со нив. Минатата година 417 лица биле пријавени за исчезнати, но Министерството ниту за нив не знае ништо.

Курир, водејќи се според објавените настани во дневните полициски билтени, ги извади податоците за пријавени исчезнати лица во период од 1.10-15.10 годинава.

За 15 дена вкупно пријавени за исчезнати биле 26 лица. Од нив 10 се малолетници, од кои две двомесечни бебиња и четворица штитеници на домовите за деца. Нивната судбина не е позната.