Македонската радио телевизија преку писмено соопштение ги повика авторите и музичките продуценти од Република Македонија и пошироко, да ги достават своите музички предлози (во демо или финализирана верзија) и со својот креативен труд да учествуваат на јавниот повик, со цел да се избере најдобрата песна која ќе ја претставува државата на 8 мај на Евровизија во Лисабон.

Предлог композициите треба да се достават на e-mail адреса: eurosong.macedonia@gmail.com или на адреса: Македонска Радио Телевизија, бул.Гоце Делчев бр.18, 1000 Скопје, Република Македонија, со назнака За Евросонг 2018.

Треба да се достават: имиња на авторскиот тим, кратка професионална биографија од авторите, наслов на композицијата, текст, контакт од членовите на авторскиот тим, релевантен линк од веб страна или некој од социјалните медиуми (Facebook, Twitter, итн).

Согласно Правилата на ЕБУ, посочуваат од МРТ, предлог композициите задолжително се во траење до најмногу три минути и во никој случај не смеат да бидат претходно објавени или јавно изведени.

МРТ истакнува дека како носител на лиценцата за избор на песна на Евровизија донесе одлука за формирање на релевантно професионално жири, кое ќе има за цел избор на композиција, а врз основа на избраната композиција, ќе предложи и изведувач или група изведувачи, кои ќе можат најдобро да ја исполнат на евровизиската сцена.

Од МРТ наведуваат дека лично ќе ги контактираат членовите на авторскиот тим на одбраната композиција за натамошно исполнување на процедурата за соработка и договор, а финалната одлука ќе ја објави по резултатите од работата на жири комисијата. Јавниот повик е отворен до 8 февруари.