Модерен угостителски објект ќе се отвори на местото на „Мекдоналдс“ (фото)

„Тренд гастро бар“ се гради на местото на некогашниот објект во Аеродром во кој беше сместен „Мекдоналдс“. Речиси еден месец интензивно се работи на реконструкција на постојниот објект, кој „Тренд“ го има земено под закуп. Се врши реконструкција, а во делови и доградба.

Самото име „Тренд гастро бар“ укажува дека ќе се отвора модерен гастро-бар, кој, како што велат закупците, ќе понуди и повеќе од вообичаеното гастрономско доживување, главно со медитеранска кујна. Покрај врвната храна и пијалаци, гастро-барот ќе имал облагородена атмосфера за сите генерации, со летна тераса и детско катче. Отворањето е планирано за идниот месец.

„Мекдоналдс" во Аеродром беше мекдрајв и можеше да се купи сендвич и од кола, но тој, како и останатите ресторани, пред две години беше затворен поради тоа што "Мекдоналдс Европа" го раскина договорот за франшиза со македонската фирма "СЈ компани".