Млад пијанист од Скопје освои златен медал на натпревар во Бугарија


Михаил Димовски го освои првото место и доби златен медал на меѓунардониот натпревар за млади изведувачи на класична музика во Бугарија. 11-тото издание на овој натпревар се одржа во Дворецот на културата на градот Перник.              

Покрај првото место, Димовски ја освои и специјалната награда за солист на камерниот оркестар „Орфеј“. Михаил Димовски е ученик во седмо одделение во училиштето „Лазо Трповски“ во скопски Карпош, а со свирење пијано се занимава веќе 6 години. Професионалните техники ги усовршува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ под менторство на проф. Јасна Аврамовска-Костенарова.

Ова е прв поголем успех за Димовски, со огле дека признанието кое го добива е во меѓународна конкуренција. Тој претходно има настапувано на низа натпревари во земјава и регионот каде забележувал извонредни резултати.