Македонските граѓани повторно заминуваат на работа во Ирак и Авганистан, се пука, ама и добро се заработува

-Да не беше работата во Авганистан, сега со семејството ќе бевме просјаци. Без работа и јас и сопругата. Две деца, растата и си имаат свои потреби, а ти немаш дури ни за леб, а не за нешто повеќе. Живееме од пензијата на татко ми. Среќа, ме викнаа во базите на Авганистан. Работев 6 години, и денеска живнав. Имам свој дом, а на жената и отворив бизнис. Тешко е таму, го ризикуваш животот, но заработувачката е одлична, вели Игор.

Во Ирак и Авганистан се пука, ама и добро се заработува. Македонските граѓани тоа одлично го знаат, па се помасовно заминуваат на работа во американските воени бази. Работат прости работи, а имаат шанса да заработат повеќе од најскапо платените доктори на науки во Македонија. Парите, пак, што ги праќаат дома, бидејќи таму имаат "ол инклузив", им обезбедуваат одличен живот на нивните семејства, но и сериозно го поткрепуваат платниот биланс на државата.

Илјадници македонски државјани, претежно од кумановскиот и од тетовскиот крај каде што се седиштата на фирмите што ги регрутираат, во моментов го приготвуваат јадењето за војниците, им ги перат и пеглаат алиштата, ги задолжуваат и раздолжуваат на рецепцијата, ги поправаат и возат возилата или го одржуваат компјутерскиот систем во базата. Колку ги има, нема точни податоци, зашто фирмите кои ги ангажираат овие работници се затворени за такви информации, а ги немаат ни надлежните органи во државата.