Автохтоните сорти овошје и зеленчук и покрај тоа што даваат помали приноси од увозните се карактеристични за нашето поднебје и по нив нашата земја е препознаена на меѓународните пазари.

Затоа агроекспертите апелираат дека треба да ги заштитиме, бидејќи даваат поквалитетен род, поотпорни се на болести, не се прскаат и плодот има поголема калорична вредност.

Според експертите, автохтоните сорти даваат најдобри резултати ако се одгледуваат во одредени региони во соодветни локални климатски, почвени и агротехнички услови. Тие се одгледуваат во оние региони кои се типични за нив, тетовскиот грав се одгледува во Тетовскиот регион, бучимскиот кромид во областа на селото Бучим, скопскиот домат "јабучар" во скопската околија, златниот "делишес" или "ајдаред" во преспанскиот регион, виновата лоза "станушина" или "вранец" во Тиквешкиот регион, охридската цреша во Охридскиот регион...

Карактеристично за автохтоните сорти е што се прилагодени на локалните услови и се повкусни и побогати со хранливи состојки. Зеленчукот и овошјето добиено од автохтони сорти не бара многу вода и заштитни ѓубрива, но нема ниту голема употреба на хемикалии, бидејќи се поотпорни на болести.

Надлежните велат дека одамна се загубени македонските сорти, но ова не се случува само кај нас, туку насекаде во светот. Од МЗШВ потврдуваат дека 75 отсто од разновидните растителни култури што се користеле за производство на храна се изгубени.

- Генските ресурси кај животинските видови во светот се во драстично опаѓање. Во текот на дваесеттиот век се случиле многубројни, структурни глобални промени во биолошката разновидност, а посебно во разновидноста во земјоделството. Се смета дека 75 отсто од разновидните растителни култури што се користеле за производство на храна се изгубени. Слична е состојбата и во сточарството каде што кај 30 отсто од расите постои висок ризик од потполно исчезнување, а дополнително во просек секој месец, глобално, трајно се губат по 6 раси, велат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од таму објаснуваат дека земјава не е исклучена од глобалните и од регионалните процеси кои доведуваат до намалување на биолошката разновидност.

Во земјоделските здруженија велат дека во нашата земја има регистрирани правни лица кои произведуваат сертифициран семенски и саден материјал од домашни сорти пченица, јачмен, тритикале, овес, сточен грашок, луцерка, маслодајна репка, соја, тутун, афион и пиперка, како и овошни растенија и винова лоза.

- Семенскиот и садниот материјал од овие култури се пласираат на македонскиот пазар и според нашите искуства овие сорти се застапени на домашните полиња. Многу помалку сорти има од странски семиња бидејќи овие растенија помалку се приспособени на домашните почвено-климатски услови, вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.

За другите култури, особено за зеленчуците, според него, најмногу се користи семе од увоз бидејќи, иако е поскапо, дава поголем принос.

Тој објаснува дека многу малку од нашите земјоделци произведуваат сертифициран семенски материјал бидејќи мора да се поврзат со фирма што има одобрение за вакво производство.