Македонска работа: “А што ќе кажат комшиите”

За убаво и за лошо, секогаш се вели, дека добро е да ги имаш комшиите. А комшиите во Македонија се еден посебен феномен. Да си ја гледаат својата работа, ама и да видат што се случува кај комшијата.

Секој од нас има барем по една комшивка во својата близина која знае се, за секого. Од моментот кога е роден, како се школувал, љубовните врски, кога се криел додека пушел цигари, кога се враќал од излегување, каде работи сега, каква била свадбата и како ги чуваат дома децата.

Сакате утре да се разбудите и во долно облека да излезете на тераса и да пиете кафе? Немојте ни да помислите, што ќе кажат комшиите...

Кога ќе се враќате после полноќ од излегување, ги гледате љубопитните очи низ отворениот прозорец зад завесата како ѕиркаат и се обидуваат да дознаат кој е дечкото што повторно ве испраќа, дали е истиот од пред некој вечер или е друг или пак која е девојката што преспала тука. Дали дечкото вози убав автомобил, ако е така има пари, кој знае кај сте го нашле...

Се омажила млада, или постара, секако ќе се мисли на тоа, а што ќе кажат комшиите.

Сте ослабнале многу, а што ќе кажат комшиите, ќе мислат дека сте болни нешто.

Нема да ве видат со денови, ќе мислат дека сте во странство, ќе ви завидуваат.

Сте купиле нов автомобил,  а само што сте почнале со работа, и ете ти еден куп муабети.

Ќе реновирате дома, а од каде ви се парите?

Ќе одите на одмор? Се прашувате ли што ќе кажат комшиите?

Вашето дете е плачливо, постојано плаче, што ќе кажат комшиите? Не знаете да го чувате.

На комшиите никогаш не можете да им ги затворите устата. Македонска, комшивска работа. Комшиите не се лоши луѓе, ама сакаат се да знаат. Бидете добри со нив, ќе ви затребаат и за добро и за лошо. И кога ќе ви пукне цевката во купатилото и кога ќе треба да позајмите столици од нив за слава.