Македонец заработил 1,26 милион евра од работа преку интернет

Kумановец лани од работа преку интернет заработил фантастични 1,26 милион евра и платил данок по основа на дополнителниот приход од 126.000 евра.

Негов сограѓанин, пак, за 2014 година пријавил дополнителен приход од работа преку интернет од 103.000 евра и ~ платил 10.300 евра данок на државата, пренесува Дневник.

Овие двајца кумановци се рекордери по интернет-заработувачка за изминатите две години кои влегле во системот на Управата за јавни приходи. Kолку заработувале и избегале од системот ќе покаже времето или пријавата за неплатен данок кога ќе ги открие УЈП.

Што работеле на интернет за толку да се опарат, не знае ни Управата, но не ја ни интересира бидејќи регуларно си платиле данок. Регионот во последно време го зафати масовна треска на нови и нови страници што нудат заработка преку интернет. А веќе има и такви со целосно македонски превод на сите постапки за регистрација. Но, никој не испитал колку од овие понуди се реални, колку фиктивни, а колку пирамидални, односно ве намамуваат да вложите некој долар, може да заработувате на почетокот додека балонот не прсне и вложувачите изгорат. Искуствата се различни, барем по она што го коментираат Македонците на форумите. Има такви што тврдат дека заработуваат и дека секој месец им легнува исплата, но и такви што се категорични дека с` е лажно, односно се убиле од кликање, а од заработувачката ништо. По извесен период, страниците испаруваат.

Од она што го анализирала и контролирала Управата, станува збор за разни типови заработка, најчесто преку електронска трговија, давање интелектуални или маркетинг-услуги.

- Во најголем дел заработката доаѓа од специјализирани интернет-страници за продажба на облека, накит, модни додатоци и слични производи, на кои граѓаните имаат сопствена интернет-продавница или во друг случај имаат сопствени интернет-страници преку кои се врши продажбата. Не заостанува ниту давањето интелектуални услуги преку специјализирани интернет-страници, односно преку кои граѓаните на посреден начин стапуваат во контакт со клиентите кои може да бидат од целиот свет, а најчесто се од западните земји. Услугите што се извршуваат во најголем дел се од областа на информатичката технологија (изготвување интернет-страници, банери, компјутерски програми итн.).

Исто така, преку интернет-маркетинг се остваруваат приходи од маркетинг-услуги врз основа на договор склучен со „Гугл адсенсе“. Физичките лица имаат свои интернет-страници со регистриран странски домен, со разновидни содржини, на англиски јазик, кои се наменети за странски посетители (САД, ЕУ, Kанада, Европа итн.) и ги популаризираат, односно ја зголемуваат посетеноста преку користењето на социјалните медиуми како „Фејсбук“, „Твитер“ итн. - објаснуваат од УЈП. Од таму потенцираат дека во ваквите случаи сопствениците на интернет-страниците, откако ќе постигнат значително ниво на посетеност, склучуваат договор со „Гугл адсенсе“, со кој се врши монетаризација на интернет-страниците. Односно во согласност со договорот сопствениците на интернет-страниците овозможуваат поставување реклами на клиенти на „Гугл“ во форма на слики, банери и видеоклипови, а за возврат „Гугл“ им исплаќа одреден надомест на месечно ниво.