Купи сезонски билет за симболични 1.000 денари и помогни му на Вардар

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар долго време се соочува со финансиски проблеми. Навивачката група „Комити“ го презема скопскиот тим и понуди сезонски билети од 1.000 денари за домашните натпревари, а парите ќе се искористат за функционирање на клубот.

Сезонскиот билет чини 1.000 денари, а може да се купи преку продажната мрежа на „МК-тикетс“ и во низа официјални продажни места.

- Акцијата, како и претходната, ќе биде спроведена целосно транспарентно. Преку редовни соопштенија и прес-конференции, на јавноста секојдневно ќе и го презентираме текот на акцијата. Искреноста и чесноста се наш принцип, а преку оваа акција, уште еднаш тоа ќе го покажеме на дело. Првата официјална прес конференција, ќе се одржи утре, во 12:30ч, во просториите на „Кино Кисела Вода“. На истата ќе присуствуваат и фудбалерите – херои, како и членови на стручниот штаб. Ги покануваме сите медиуми, навивачи и заинтересирани лица, да присуствуваат, и од прва рака да се запознаат со начелата на акцијата.

Во овој момент, клубот е целосно во наши раце, а со тоа и неговата судбина. Успехот на оваа акција, значи сигурна иднина за ФК Вардар и почеток на една здрава, успешна спортска приказна, која заедно со сите Вас, сакаме да ја изградиме. Ти кој што ова го читаш, запомни дека ти си Вардар, нема никој друг. Затоа, приклучи се, купи членска карта и дај го својот допринос во заедничката борба. За подобри денови, за многу нови победи и титули, за нашиот Вардар. За крај, јасно сакаме да потенцираме дека, единствената цел на акцијата, ќе биде – прилив на финансиски средства, за нормално функционирање на ФК Вардар, се вели во соопштението на „Комити“.