Кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за катастар

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против С.Т. поранешен директор на Агенцијата за катастар на недвижности, Е.Д.А. вработена во Агенцијата на работно место државен советник, Г.Г. исто така вработен како државен советник и С.М. вршител на работи во Агенцијата врз основа на договор на дело поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

„Во текот на 2016 и 2017 година со намера да се стекнат со противправна имотна корист, пријавените ја искористиле службената положба и овластување на начин што без да склучат договор за ангажирање за давање на консултантски услуги со Агенцијата за катастар, како физички лица склучиле договори за извршување на консултантски услуги со Републичкиот геодетски завод Србија и врз основа на извршените консултантски услуги на трансакциските сметки на пријавените пристигнале парични средства од Народна банка Србија со вкупен износ од 3.344.828 денари, за кој износ пријавените го оштетиле Буџетот на РМ“, соопшти Управата за финансиска полиција.

За патувањата во Републичкиот геодетски завод во Србија пријавените отворале патни налози и пријавувале патни трошоци за бензин со користење на службени возила, подигале дневници од девизна благајна и сето тоа на трошок на буџетот на Агенцијата за катастар.

„Пријавените свесно и со однапред утврдена намера иако знаеле дека не постои договор за нивно ангажирање од АКН за извршување на консултантски услуги во Републички геодетски завод Србија, ја искористиле својата службена положба и на нивните сметки противправно прибавиле 3.344.828 денари по основ надоместок за консултантски услуги“, соопшти финансиската полиција.