Концерт на Елвис Руди и Марин Ѓолма на Охридско лето

Во рамките на програмата на „Охридско лето“ вечер во црквата „Света Софија“ концерт ќе имаат Елвис Руди на флејта и Марин Ѓолма на пијано од Албанија.

На програмата се дела на Филип Гобер (1879-1941): Соната за флејта и пијано, бр. 2: A l’aise, mais sans lenteur, Andante, Assez vif, Фридрих Кулау (1786-1832): Голема концертна соната оп. 85 : Allegro con passion, Allegro assai – Trio – Scherzo, Adagio и Allegro poco agitato и Пјер Санкан (1916-2008): Сонатина за флејта и пијано : Moderato, Andante espressivo и Animé.

Елвис Руди почнал да го изучува инструментот флејта под менторство на Мирела Селеница и Исуф Спахиу. Своите студии ги завршува на Универзитетот за музика во Букурешт, кај професорот Виргил Франк, по што се враќа во Тирана, каде почнува да работи како асистент-предавач на Академијата за уметности. Подоцна оваа институција е преименувана во Универзитет за уметности, а титулата на Руди прераснува во асистент-професор. Деветмесечната стипендија од Конзерваториумот во Париз му овозможила усовршување со Пјер Ив Артод и Софи Шериер. Во текот на овие години, значаен е неговиот придонес во интерпретацијата и промоцијата на албанската современа музика.

Марин Ѓолма своите додипломски, постдипломски и докторски студии ги завршува на Универзитетот за музика во Карлсрух, Германија, под менторство на познатата бразилска пијанистка Фани Солтер. Потоа се усовршува на мајсторски курсеви кај познати професори и музичари. На полето на камерната музика соработувал со еминентни артисти, меѓу кои и Мартин Остертаг, како и бројни оркестри. Од 1996 до 2018 година, одржал концерти во Албанија и Германија, а учествувал и на значајни интернационални фестивали, како „Јанис Папајоану“ во Грција, „Алегрето Албанија“, фестивалот „Различни возови“ во Тирана, фестивалот на камерна музика „Чембер фест“ во Драч и други. Добитник е на повеќе награди на национални и интернационални натпревари по пијано од 1998 до 2011 година.