Ќе стане ли Македонија земја на пензионерите – повеќе починати отколку родени

Заминувањето на младите од Македонија е голем проблем поради кој на се поголем број  општини во Mакедонија им се заканува исчезнување, предупредуваат демографите.

Нискиот наталитет и масовната миграција во Скопје или надвор од земјата придонесоа 32 општини во последниот квартал лани да бидат со негативен природен прираст, таму има повеќе починати отколку живородени, вели за Канал 5 директорот на државната статистика, Апостол Симовски.

Десет години наназад, половина од општините во државата имаат намален наталитет со просек од 1 дете во семејство. Стабилна иднина и финансии и натаму се пресудни за да се основа семејство, велат граѓаните.

Последниот попис од далечната 2002 покажал дека во Македонија постојат 147 села без ниту еден жител, од 1767 населени места, 160 места имале едвај 10 жители. 

Од шесте региони статистиката покажала драстичен пад на наталитетот во источниот, југоисточниот, пелагонискиот и југозападниот регион. Намалувањето на бројот на населението главно се должи на миграцијата и стареењето на населението.