Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со претставници на синдикатите од областа на здравството. На средбата се разговарало за мерката за зголемување на паушалите за дежурства.
-Овој вид средби ќе бидат редовна практика и во наредниот период, при реализација на активности, кои се во интерес на медицинскиот персонал. Целта е максимално вклучување на синдикатите, како и сите засегнати страни во имплементацијата на оваа, како и други мерки за унапредување на статусот на медицинскиот персонал, велат од министерството за здравство.
Претходно, министерот најави дека ќе се зголемат паушалите за ноќните дежурства за лекарите и за медицинските сестри, и тоа до 4000 денари за викенд дежурство. Според проценките исплатата треба да стартува од март, односно април.