Кисела Вода чисти огромна депонија во местото Бара

Огромна дива депонија создадена од неодговорни граѓани се чисти денес во местото викано Бара во општина Кисела Вода. На собирање на отпадот, настанат како последица од неодговорното однесување на поединци, ќе се работи цел ден, а по потреба и утре, се до целосна елиминација на депонијата. Градоначалникот Ѓорѓиевски уште еднаш апелираше до граѓаните за совест и почитување на Законот за јавна чистота и потенцираше дека Кисела Вода ќе продолжи со посветена и ангажирана работа во насока на остварување на мисијата за чиста и зелена општина.

-Денес чистиме огромна дива депонија на местото викано Бара, која е настаната како резултат на неодговорно однесување и негрижа кон животната средина. Ќе се работи цел ден, а доколку има потреба и во текот на утрешниот, до конечно расчистување. Црни точки на мапата нема да дозволиме и нема да има толеранција кон никого! Почитувани, силно апелирам да бидеме поодговорни и да ја почитуваме животната средина во која живееме, нашиот дом. Загадувањето на средината во која што живееме носи последици по здравјето за сите подеднакво, вклучително и за оние кои загадуваат.

Мојата мисија е чиста, модерна и зелена Кисела Вода и нема да дозволиме никој да застане на патот кон таа цел-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Во изминатите две години Општина Кисела Вода преку своите ангажирани ресурси и конкретни теренски активности исчисти повеќе од 70 поголеми и средни диви депонии. Многу од нив се претворени во паркови и спортско рекреативни центри, како и во паркинзи. Ваквите акции ќе продолжат со засилена динамика и се надеваме дека и граѓаните преку совесно однесување ќе помогнат во остварување на оваа значајна мисија. Воедно, сакаме да информираме дека во периодот што следи ќе има засилени инспекциски контроли во насока на доследно спроведувње на Законот за јавна чистота.