Кампања за дополнителна едукација на возачите почетници „Млад возач, безбеден возач“

Возачите почетници спаѓаат во категоријата на ранливи и ризични учесници во сообраќајот од неколку причини и тоа: недоволното искуство, ограничените вештини и способности, ограниченото знаење, склоноста кон преземање на ризик, нивната младост, темперамент, итн.

Техниките и вештините за безбедно управување со моторно возило се стекнуваат со искуството и со поминатите километри. Во овој проект ќе се надградат возачките способности кај возачите почетници преку обезбедување на можност да учат од најдобрите, да им бидат укажани најчестите грешки кои ги прават возачите почетници, да бидат посочени сите можни моменти и ситуации во кој може да се најде еден учесник – возач во сообраќајот.

“Целта на проектот е подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата преку надградување на сообраќајната едукација на возачите почетници, со посебен акцент на зголемување на нивната практична обука за безбедно управување со моторното возило. На наше задоволство, ваков проект за прв пат се реализира во Македонија и истиот сериозно ќе подигне едукацијата и сообраќајната култура кај младите учесници во сообраќајот, а со тоа најважно ќе придонесе за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви во нив. Ги повикувам младите активно да се пријавуваат во овој проект, и секако да возат одговорно и да бидат одговорни возачи.” – истакна М-р Стојче Стаменковски, Претседател на РСБСП.

“Едукацијата на возачите почетници има посебно значење во сообраќајот особено поради високиот степен на моторизацијата, како и зголемениот број на малолетни лица кои учествуваат во сообраќај како возачи на возила од различни категории. Затоа, ние како импортер на моторни возила коj директно комуницира со возачите почетници при изборот на нивното прво возило, ја чувствуваме одговорноста за нивна едукација не само при набавката на возилото, туку и во понатамошниот развој на сообраќајната култура. Наша должност е да поддржиме и учествуваме во кампањи од ваков тип” – изјави Дејан Ѓорѓиевски, Маркетинг Менаџер на Порше Македонија.

“Ако земеме во предвид дека според статистиката во РМ младите и неискусни возачи повеќе учествуваат во сообраќајните несреќи од другите, и се во голема опасност да станат дел од таква трагедија се додека не стекнат поголемо искуство, оттаму произлегува и важноста на еден ваков тренинг. Мотоцентар како општествено одговорна компанија ги поддржува и во иднина ќе се залага за сите настани за подобрување на безбедноста во сообраќајот во РМ”.  додаде Г-ѓа Моника Бошкоска, Mаркетинг Mенаџер во Мотоцентар.

Проектот најнапред ќе се реализира само во Скопје, а понатаму и во останатите градови во Македонија. Обуката ќе биде поделена теоретски и практичен дел. Пректичните обуки ќе се одржуваат со поддршка на Европскиот шампион и најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе. Начинот и формата за пријавување, како и условите за учество веќе од денес ќе може да се најдат на facebook страната на РСБСП и компаниите кои го поддржуваат проектот. Секој учесник по завршувањето на обуката ќе се стекне со сертификат за безбеден и одговорен возач – почетник.

Ова е прва ваква соработка во која своја поддршка за подигнување на безбедноста на сообраќајот на патиштата даваат општествено одговорни компании и се надеваме дека ова ќе биде добар пример за градење партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор во остварување на една поширока општествена цел.