Изгореа четири куќи, пронајдено едно тело во пожарите низ земјава

Според последните  информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), и пресекот на крајот на вчерашниот ден,  состојбата со шумските пожари е алармантна и на многу места во земјава пожарите се разгоруваат. Во селото Могилец целосно изгореле четири куќи, а една е делумно оштетена.

Според извештајот на ЦУК за состојбата вчера попладне се појавил пожар кај скопското село Осинчани, за што испратена е пожарникарска екипа да интервенира. Пожар има и кај селото Јаболце, а пожар се појавил и над Волково. Гори и меѓу селата Бојане и Копаница.Пожар кај селото Орешани и вчера попладнево бил активен и ја поминал Орешанска Река и се доближува кон неколку штали кај селото Вражале. СО него е опфатена нискостеблеста шума од смрека. Исто така, има дојава дека пожарот на Матка повторно се активирал и ја сменил насоката кон Шишевски манастир.

Пожарот кај Барово брзо се разгорува и се заканува да ја зафати боровата шума кон Водно. Интервенира екипа од ЈП Паркови и Зеленило.За пожарот кај селото Моране дејствуваат екипи на скопската противпоарна бригада, кои исто така интервенираат и кај Долна Матка, Рашче, Елово и Никиштани.

Пожарот во атарот на селата Требовље и Растеш во општина Македонски Брод се уште е активен и во гаснењето се вклучени АРМ, која ангажирала и два хеликоптера, како и дел од месното население и доброволци од Кичево, Прилеп и Скопје.

При  гаснење на пожарот на падините на Горна Јакупица околу 23.30 часот завчера, во полиција било пријавено дека гори меѓа од ливада кај селото, по што полициска екипа излегла на терен и по згаснувањето на огнот било најдено изгорено човечко тело. По наредба на јавен обвинител телото е предадено за обдукција.